Се реконструира улицата „Јосиф Ковачев“ која се наоѓа во централното градско подрачје. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска истакна дека улицата се реконструира по барање на жителите.
– Најпрво ќе извршиме промена на водоводната линија која со години наназад создаваше проблеми поради честите дефекти и слабиот притисок, па потоа ќе се изврши и асфалтирање, рече Јорданов.
Директорот на штипското ЈП „Исар“, Трајче Здравков, истакна дека ќе се реконстурира водоводната мрежа на улицата во вкупна должина од 180 метри и над 20 приклучоци. Со работа се очекува да завршат во наредните неколку дена.
Средствата за реконструкција на улицата се обезбедени од Програмата за градежно уредување на општината, а се во висина од околу еден 1,5 милиони денари.