Штипјани конечно ќе одат на кино во сопствениот град

Штип после дваесет години конечно ќе добие кино. Филмските проекции штипјани ќе може да ги следат благодарение на „Киноверзум“, а веста ја потврдија и градоначалникот на градот Иван Јорданов и светиниколското 3D кино.

– Современата технологија која ќе се инсталира, ќе овозможи прикажување на најновите холивудски и европски филмови во просториите на Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ во Штип. Општина Штип и Киноверзум ќе донесат урбана свежина во социјалното живеење во нашиот град, вели градоначалникот Јорданов.

Од „Киноверзум“ објавија дека киното во Штип ќе работи секој ден, а планирано е да има две до три проекции во работни денови и четири до шест за време на викендите. Капацитетот на салата ќе биде приближно 100 места, а во рамки на киното ќе функционира и продажен пулт за влезници, храна и пијалоци.