Општина Струмица претставувана од градоначалникот Костадин Костадинов беше дел од Економскиот форум на паметни градови од Западен Балкан во Прага, Чешка, во чии рамки претставници од јавниот и приватниот сектор дискутираа за различни теми поврзани со одржливиот и паметен урбан развој, управувањето со води и отпад и урбаната мобилност. Форумот претставуваше размена на искуствата од имплементацијата на паметните решенија на локално ниво начините за нивно финансирање, како и согледувањето на добрите примери од праксата, а беше и место за презентирање на за проектот со кој се планира Струмица да стане првиот македонски град со 100% електричен јавен транспорт.
“Во изминатите неколку дена имав можност да споделам искуства со колеги – градоначалници од регионот во доменот на одржливиот и урбан развој во рамки на локалната самоуправа, како и да остварам контакти со претставници на европски и регионални тела и институции кои несебично ги споделија своето знаење и добра пракса. Впечатокот кој го стекнав преку реализираните средби е дека Струмица полека но сигурно е препознаена како прогресивна општина од нашата земја која работи кон реализација на проекти со долгорочен бенефит за сите жители. Меѓународната соработка значи многу, како за уште поголемо етаблирање на Струмица во рамки на Европа, така и на ниво на поинтензивна примена на иновативни и одржливи решенија кои ќе служат за сегашните и идни генерации во нашата општина“ , изјави градоначалникот Костадинов.
На форумот во Прага, беа присутни претставници од Европска Унија, Европската Банка за обнова и развој, Советот за регионална соработка, Претставници на различни Министерства од земјите од регионот, како и Градоначалниците на паметни градови од земјите од Западен Балкан. Присутните, покрај учеството во панел дискусиите, имаа можност да посетат релевантни практични примени на технички решенија на различни локации во неколку градови во Чешка.