Штип ќе добие локален центар за дијаспора кој ќе работи со цел да им излезе пресрет на иселениците. Договорот за отварањето на ваков центар денеска го потпишаа штипскиот градоначалник Јорданов и министерот за дијаспора Џемаил Чупи.
– Договоривме да се воспостави Центар за дијаспора, којшто ние како локална самоуправа ќе го управуваме со наше одговорно лице, кое ќе добие работни задачи, рече Јорданов.
Министерот за дијаспора потенцира дека со ова се воспоставува соработка меѓу централната и локалната власт и невладините организации.
– Со овие канцеларии ќе им се пружи помош, забрзување на постапки при спорни предмети и прашања од дијаспората. Со тесна комуникација веруваме дека на нашата дијаспора ќе ѝ се врати довербата во државните институции. Пред сѐ во соработка со Министерството за информатичко општество и администација, на нашата дијаспора ќе се овозможи и асистенција при пополнување електронски услуги, истакна Чупи.