Почнаа да се играат првите спортски мечеви на реконструираното повеќенаменско спортско игралиште во дворот на Домот на АРМ. Во овој проект инвестирани се 7.620.000 денари од буџетот на општина Струмица. Градоначалникот Костадин Костадинов со соработниците, претседателот на Советот, Марјан Даскаловски и членови на истиот и пратеничката Љубица Спасова при посетата на игралиштето рече дека полека се комплетира годината на спортски објекти во Струмица.
Градоначалникот Костадинов во изјавата за медиумите информираше и за тековните и планираните активности од оваа област.
-Во тек е реализација на новата спортска сала во гимназијата „Јане Сандански”, а дополнително веќе сме пред финална фаза со започнување на новото спортско игралиште во ОУ „Никола Вапцаров” на отворено заради барање на граѓаните и наше предизборно ветување. Дополнително веќе на наредна седница на Советот ќе бидат барањата за легализација, коишто треба советниците да ги одбијат за просторот кај Маларичната болница, со што би пристапиле кон рушење и искористување на средствата кои ги предвидовме со ребалансот, а заради изградба на спортско игралиште и паркинг простор во Турското маало на барање на жителите во Турското маало, рече во оваа прилика Костадинов.
Тој соопшти дека изминатата недела завршија активностите за расчистување на просторот за нов парк во Касарната со што практично е хуманизиран тој простор и апелирам граѓаните, компаниите да не се случи повторно да ги оставаат нивните шутови на тој простор.
-Нормално ќе ги зголемиме контролите и инспекциите, а во скоро време „Комуналец” почнува со првата фаза да го озелениме тој простор, а некоја следна фаза ќе биде со поставување на урбана опрема, осветлување со што струмичани добиваат нов парк од близу 20 илјади квадратни метри. Во фаза на обработка и стручна расправа е генералниот урбанистички план на Струмица, со кој на потегот кај Касарната е предвиден трговски центар, а за што сме согласни дека нема потреба, туку да го оплемениме со 17-18 илјади метри квадратни парк со што навистина населбата Касарна или Нова Струмица ќе има достоинствени услови за живот, изјави Костадин Костадинов.