Се уредуваат влезовите на станбените згради во штипската населба Сењак 2. Првиот човек на градот вели дека по партерното, ќе следува и хортикултурно уредување со цел сите влезови да добијат современ и модерен изглед.
– Пред влезовите на неколку станбени згради вршиме поставување на павер елементи и партнерно уредување. Станува збор за површина од 350 квадрати, околу 350 илјади денари е вкупниот износ кој Општина Штип преку ЈП „Стипион” ќе ги вложи за уредување на влезовите на овие станбени згради. Ова е наша цел која сакаме да ја проследиме, во сите населби каде има станбени згради, вели Јорданов.
Директорот на ЈП Стипион, Трајче Здравков, рече дека хортикултурното уредување ќе го прават заедно со граѓаните.
– Во договор со граѓаните просторот меѓу зградите ќе го израмниме, ќе насадиме цветен насад и други расади по договор со граѓаните бидејќи сакаме ова да биде уредено по нивна желба, вели Здравков.