Почнаа градежните работи за реконструкција на култното место за штипјани, Дом на млади. Ќе се променат водоводната и канализациската мрежа, електричната инсталација, а и комплетно ќе се реконструира дворното место.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов и новиот директор на институцијата, Видан Лазарев, денеска истакнаа дека местото ќе добие освежување, но ќе ја задржи својата автентичност.

– Имаме цел и визија ова култно место да го реконструираме и да го направиме привлечно за сегашните и идни генерации, имајќи предвид дека многу штипјани и генерации имаат спомени одовде. Заедно со новиот директор сакаме да го направиме местото повидливо и подостапно за нашите сограѓани, вели Јорданов.

Новиот директор, пак, вели дека ова е само една од активностите преку која во соработка со општината ќе се обидат да го вратат сјајот на институцијата, која во изминатите години смета дека била запоставена.

– Дом на млади е институција која низ времето оставила белег на овој град. Ноќниот и културниот живот во град Штип неколку децении се одвивале во Дом на млади, кој бил епицентар на случувањата во нашиот град. Тука се имаат одржано и најголемите концерти, рече Лазарев.

Инвестицијата за реконструкција е 6,5 милиони денари, од кои четири милиони се од општинската сметка, а останатите 2,5 милиони денари од Бирото за регионален развој.