Делчево ја доби првата атрактивна фонтана-симбол на модерно Делчево

По повод празникот на градот, како подарок од срце за Делчево, денеска беше ставена во функција првата атрактивна фонтана „Бесконечност“-симбол на модерно Делчево. Фонтаната беше симболично  откриена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, градоначалникот Горан Трајковски, претседателот на Советот, Гоце Попов и пратеничката Соња Михаиловска. Атрактивната фонтана е подарок за Делчево од нашите иселеници Виктор Коларски, Антонио Витановски, „Фротирка компани“ и Општина Делчево, а проектант е делчевското проектантско биро ГП „Архитекти“.

Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека фонтаната е проектирана во формата бесконечност и е одраз на модерно и современо Делчево.

-На овој убав празничен ден, од срце даваме подарок за нашето Делчево. Заедно со нашите иселеници: Виктор Коларски, Антонио Витановски, фирмата Фротирка-компани од Делчево и со средства од Буџетот на Општина Делчево, оставаме на генерации и генерации делчевци, објект кој е белег на современо и модерно Делчево-фонтаната „Бесконечност“. Идејното решение е несекојдневен производ на делчевската архитектонска фирма ГП „Архитекти“ и инженерот Гоце Попов. Изразувам голема благодарност до донаторите, до проектантот и очекувам дека ова ќе биде уште едно пријатно, но атрактивно катче за нашите сограѓани, но и за посетителите. Нека е аирлија!, нагласи Трајковски.

По начинот на функционирање,  фонтаната функционира како затворен систем, односно се користи една иста количина вода од приближно 7м3 и се филтрира преку своја филтер централа.