Наместо на места наменети за исфрлање на градежен шут, во Штип се почесто граѓаните ваквиот отпад го одлагаат во контејнерите за комунален отпад.
Штипското ЈП Исар вели дека оваа појава во летниот период е се почеста и освен што го отежнува нормалното работење на вработените во комунална хигиена, причинува и штета на возилата со кои се исфрла сметот.
– ЈП Исар упатува апел за правилно и совесно одлагање на градежниот шут, наведуваат од претпријатието.
Инаку во Штип често пати се случува градежен шут да се исфрла и надвор во населбите во градот, особено во подрачјето кај црквата „Свети Спас“ , со што се создаваат диви депонии и се загадува животната средина.
ЈП Исар годинава го актуелизира прашањето за одлагањето на градежен шут и ги повика граѓаните да пријавуваат кога ќе имаат ваков отпад. Претпријатието на неделно ниво го зема градежниот шут од домовите на граѓаните или од пријавените локации и го одлага на места наменети за тоа.