Откако во текот на изминатиот месец се менуваше старата и дотраена водоводна мрежа на улицата “ 8 Април “ во населбата Дузлачки рид, денес се започна со асфалтирање на истата. Според зборовите на градоначалникот на општината Иван Јорданов, вкупно 1,5 милиони денари беа вложени за промена на подземната инфраструктура на оваа сообраќајница, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдување на жителите од овој дел на градот.

  • Овде претходно констатиравме дека жителите имале проблем со водоводната линија, честите дефекти и оштетениот коловоз на постоечката сообраќајница. Затоа одлучивме најпрво да направиме промена на водоводната инсталација, на подземната инфраструктура за повисок притисок и да се нормализираат честите дефекти од минатото, рече градоначалникот Јорданов.

Тој истакна дека за асфалтирање на посочената делница од општинскиот буџет ќе бидат издвоени нешто повеќе од милион денари, со што вкупната инвестиција на улицата 8 Април изнесува повеќе од 2,5 милиони денари, граѓански средства.