Министерството за труд и социјална политика  ги одзеде ингеренциите на Општина Конче, врз детската градинка „ 12 јули“. Поставувањето на вршител на должност директор на установата, што не е од редовите на вработените е причината за одземање на ингеренциите, за период од една година, информира градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов.

Според него, целата ситуација има своја историја и во која и покрај обидот да се запазат законските постапки и добиени укажувања од страна на Министерството сепак резултираа со одземање на ингеренциите.

„По истекувањето на мандатот на вршителот на должност, јас  како новоизбран градоначалник именував нов вршител на должноста директор на 30 декември 2021, којшто ги исполнуваше условите но небеше од редовите на вработените од детската градинка. Со укажувањето на дадено од страна на Министерството за труд и социјална политика добиено на 23 март 2022 дека не е именуван в.директор од вработените на установата, донесовме  решение за разрешување на поставениот в.директор на детската градинка „12-ти јули“, образложи Ристов

Како градоначалник на Општина Конче направил разговор со вработените- три воспитувачки со цел именување на в.д од редовите на вработените. Од страна на вработените до него биле доставени изјави според кои ниту една од нив не прифатила да биде именувана за в.директорка на градинката.

„ На 29 март донесов решение за именување на една вработена за в.д на градинката и истото со известување за постапување преку курирска служба и беше доставено на именуваната в.директорка, која пак одбила да го прими. Решението за именување и известувањето за постапувањето беа објавени на огласна табла во детската градинка и во Општината. Од страна на именуваната в.директорка на градинката на 30 март повторно беше доставена изјава, заверена на нотар дека не може да ја прифати доделената функција од лични причини, “ образложи Ристов.

Тој додава дека со цел, непречено функционирање на детската градинка која згрижува најмалку 20 лица и за непречено вршење на работата од јавен интерес од областа на заштита на децата од локално значење, го информирал Министерството за труд и социјална политика дека повторно го назначил истото лице кое ги исполнувало условите за вршење на должноста директор, но не е од редовите на вработните. Во исто време донел одлука за објавување на јавен оглас за избор на директор во градинката којашто ја доставил до Управниот одбор на установата.

„Како градоначалник на Општина Конче којшто согласно законот за заштита на децата има надлежност да донесе одлука за распишување оглас, на 30 март беше донесена одлука и доставена на Училишниот одбор на градинката, за распишување на јавен оглас за избор на директор. Од страна на Управниот одбор беше распишан оглас, но во рокот даден во огласот не се пријави ниту еден кандидат. За целата постапка околу назначувањето на в.директор, разрешувањето, изјавите дадени од вработените воспитувачки,  Министерството беше информирано. Сепак на шести јуни добивме решение за одземање на соодветната надлежност, на Советот на општината и градоначалникот,“ вели Ристов

Она што е интересно во случајов,додава Ристов,  е што до Детската градинка било доставено решение за именување на вршител на должност директор на истото лице кое било претходно именувано од страна на градоначалникот но кое со изјава заверена на нотар ја одби функцијата поради лични причини.

Надлежноста на Општина Конче за назначување на нов директор на ЈОУ Детска градинка  „12 Јули“ во Конче е одземена, на една година.