Проектот е изработен, но сега мора да се обезбедат пари. Кога оштетениот мост кај селото Долни Балван ќе биде конечно ставен во функција во моментов е неизвесно.

„Проектот е веќе изработен. Техничките проблеми коишто ги имавме изминатиот период се од институционален карактер и нив ги отстранивме. Се надевам дека уште во текот на оваа недела проектот ќе биде аплициран во една од програмите на Министерството за локална самоуправа. Очекувам дека ќе добиеме позитивен одговор, за да може што побрзо да се дојде до реализација. Доколку не се случи тоа , имаме и алтернатива, но за тоа кога ќе дојде време,“ информираше градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Инаку мостот е забранет за секаков вид на сообраќај повеќе од пет месеци, кога  по налетот на водата и дрвја, ЈП „Плачковица” со помош на механизација ги отстрани дрвјата, кои беа попречени на столбовите на мостот, од кои еден беше видно попуштен.

Жителите на Општина Карбинци за да патуваат кон Пробиштип, Кочани, Берово, Пехчево, како и кон граничниот премин кај Делчево ќе мора да го користат регионалниот пат преку селата Аргулица, Борилчево и да излезат на магистралниот пат, кај селото Кучичино.