Мали но значајни успеси за заедницата, бележат спортските клубови од Општина Дојран.

Со заеднички напори, спортските екипи од Дојран – веќе добро познатиот фудбалски клуб ЖФК СЦ ,,ИСТАТОВ”, “Дојранско езеро”, фудбалскиот клуб “Џокер” од с. Фурка, двата новоформирани карате клубови си поставија цели и остварија значителни потфати. Се освојуваат нови солидни резултати , а сите успешни приказни предизвикаа гордост и сплотеност во заедницата.

„Верувам дека како досега, така и во иднина ќе имаме многу причини за радост, гордост и славење, затоа што ништо не не сплотува толку цврсто како спортските успеси. Нашите веќе докажани, но и спортисти почетници успеваат не само да победуваат во сериозни натпреварувања, туку и да не обединат и да не инспирираат со нивните борбеност, непокор, ентузијазам, енергија, вредна и макотрпна работа, дружба и сила, вели градоначалникот на Општина Дојран , Анго Ангов.

Тој додава дека во тие успешни приказни, свој удел има и Општина Дојран. Изминатиот период, општината одвои значителна сума на средства од својот буџет во насока на поддршка на спортистите, како и за развој на училишните и вон училиште спортови.

„Во следниот период следува реконструкција на постоечката соблекувална во с.Фурка, обележување на теренот, расчистување околу фудбалското игралиште и изградба на дополнителна фитнес зона. Општина Дојран ќе продолжи со мотивирањето на спортистите и спортските клубови во постигнувањето на нивните цели и успеси и во иднина. Затоа што веруваме дека спортот придонесува за здрави генерации, за одличен телесен и духовен развој и се разбира – спортските победи ни се особено драги на сите нам, жителите од Општина Дојран,“ смета Ангов.

фото-фб