Македонска Каменица: Цврстиот отпад се фрла директно во шахтите

Вработените во комуналното претпријатие „Камена Река”  спроведоа акција на чистење на шахтите, каде се санираа штетите на канализациската мрежа од фрлањето цврст отпад директно во одводните шахти.

-Канализациониот систем во секоја градска средина е многу важен сегмент од секојдневниот живот на граѓаните и претставува показател за урбаниот развој на градот и Општината. Проблемот со запушување на канализационите шахти најчесто се јавува поради фрлени предмети од цврсти и неразградливи материјали во истите, поради што наши екипи извршија повеќе интервенции за санирање на ваквата состојба, велат од ЈП „Камена река“.

Од претпријатието апелираа до несовесните граѓани на општина Македонска Каменица да поведат поголем ред со тоа што ваквата појава нема да се повторува во иднина.

Вработените од „Камена река“ деновиве продолжија чистење на јавните површини во Македонска Каменица. Отстранет е отпад од повеќе локации и јавни простори во централното градско подрачје. Акцијата ќе продолжи и во наредниот период, при што ќе бидат опфатени и постоечки диви депонии во приградските делови од градот и руралните средини од Општината.