Од денеска започнува депопулација на свињите во заштитната зона во радиус од 3 км околу потврдените жаришта на две одгледувалишта во с. Драмче, вклучувајќи ги населените места Драмче, Очипала, Киселица и Ветрен во Општина Делчево, како една од мерките кои ќе се преземат во однос на контрола и заштита од болеста африканска чума кај свињите.
На координативниот состанок одржан во Општина Делчево, а на кој присуствуваа претставници од Агенцијата за храна и ветерина, ветеринарни станици и инспектори од Делчево, Берово, Виница и Кочани, претставници од МЗШВ, од ЦУК Делчево, како и претставници од Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“, беа формирани тимови кои ќе ги следат насоките од Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста африканска чума кај свињите во кои спаѓа и задолжително почитување на биосигурносни мерки и забрна за чување свињи на отворено.
Согласно со овие насоки, во втората зона, односно зоната под надзор во радиус од 10 км околу потврдените жаришта што ги опфаќа општините Делчево и Македонска Каменица со населените места Ѕвегор, Габрово, Полето, Костин Дол, Македонска Каменица, Селник, Косевица, Луковица, Тодоровци, Бигла, Косово Дабје, Делчево, Турија и Илиово, ќе се врши контрола на сите одгледувалишта, а се забранува и движење на свињите во и од сите одгледувалишта од заштитната зона, освен ако свињите се упатуваат на колење во најблиската соодветна кланица. Од сите заклани свињи ќе се земаат примероци за лабораториско испитување и утврдување на присуството на вирусот.
Исто така, во сите ловишта во Источниот регион во кој спаѓаат општините: Берово, Делчево, Виница, Зрновци, Карбинци, Кочани, М. Каменица, Пехчево, пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип целосно се забранува ловот, а на целата територија на Република Северна Македонија ќе биде спроведен вонреден попис на свињите и клинички прегледи најдоцна до 31.01.2022г.
Во акцијата за контрола и превенција од болеста африканска чума со логистичка поддршка и потребните ресурси се вклучува и Општина Делчево, а директно се вклучуваат и екипи и механизација од ЈКП „Брегалница“.
Инаку, врз основа на добиени лабораториски наоди од Институтот за ветеринарна медицина од 06.01.2022 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го потврди првиот случај на присуство на болеста африканска свинска чума во две огледувалишта во делчевското село Драмче, каде се угинати 14 свињи, а во одгледувалиштата, каде е потврдено присуството на болеста, извршена е еутанизација (хумано убивање) на 6 свињи, земени се мостри за лабораториско испитување, а лешевите на угинатите и еутанизираните животни, под официјален надзор, се нештетно отстранети и закопани.