Општина Карбинци и општина Дупница, Р.Бугарија, ќе работат на заеднички проект за превенција и совладување на последиците од природни и непогоди од човечка негрижа.

Проектот е кофинансиран од ЕУ преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија, а Општина Карбинци го спроведува во партнерство со Фондацијата „12-ти Стол“ од Благоевград.

„Со овој проект е предвидено мапирање и превенција од природни непогоди се со цел заштита на животната средина, заштита на територијата на Општина Карбинци, од пожари, поплави и слично,“информира градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Освен мапирање на на ризичните места во двете општини, предвидени се и други активности, вели Андреј Горанов од фондацијата„12-ти Стол“ од Благоевград.

„Во општина Карбинци и Општина Дупница ќе се мапираат опасни терени, а предвидени се и други дејности со коишто ќе се информира населението во средината и како да се заштитат. Предвидена е и работа со млади,“ изјави Горанов.

Во рамките на предвидените активности на проектот ќе се изврши истражување за подготвеноста на граѓаните за природни и непогоди предизвикани од човечка негрижа, и, врз основа на утврдените недостатоци, ќе се дизајнира програма за основна обука информира Драгана Митровиќ координатор на проектот.

„Предвидено е заеднички семинар за размена на добри практики помеѓу доброволни противпожарни екипи од Дупница и Карбинци, основни обуки за заштита во случаи на непогоди за деца и ранливи групи граѓани во Дупница и Карбинци, кампања за подигање на свеста „Секогаш подготвени, секогаш безбедни“, со посебен фокус на вклучување на младите , објавување на конкурс за есеи за деца и млади „Бледа сина точка“ како и креирање на веб платформа со едукативен и информативен карактер, преку која ќе се стремиме и да ги мотивираме младите од прекуграничниот регион да е вклучат во иницијативи за заштита на животната средина,“образложи Митровиќ.

Активностите ќе се спроведат до крајот на март 2022.

За реализирање на целиот проект обезбедени се околу 100.000 евра.