Општина Крушево доби грант од над 700 000 евра во рамки на прекуграничната соработка со Албанија. Крушево, општина Елбасан, Албанија, и неколку организации преку овој проект ќе работат на промоција и одржливост на туризмот преку неколку инфраструктурни зафати и други активности.

Во рамки на проектот општина Крушево ќе изгради паркинг до самото полетувалиште заедно со хортикултурно уредување. Ова е реализација на уште едно барање на параглајдеристите кое ќе се комплетира по поставувањето на нова вештачка трева и изградба на објект.

На полетувалиштето ќе бидат поставени и две станици кои ќе го мерат квалитетот на воздухот, брзина и насока на ветрот.

Од остантите активности кои ќе се реализираат:

  1. „Даунхил“ патека која ќе овозможи одржување на натпревари во планински велосипедизам на високо, професионално ниво
  2. ЛЕД осветлување на Крушево, поконкретно во околината на објектите од областа на културата. Ќе бидат поставени 200 ЛЕД светилки
  3. Низа промотивни активности кои ќе ги промовираат двете страни како атрактивни туристички дестинации
  4. Обуки и надградување на капацитети на угостителскиот сектор

„Продолжуваме со работа во туризмот. Градиме инфраструктура и меѓународно го промовираме Крушево. Изминатите месеци интензивно работевме на проектот за прекугранична соработка со Албанија и успеавме да го добиеме грантот. Крушево има иднина во туризам!“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Добиениот грант е дел од „Прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија – Република Албанија Инструмент за пред пристапна поддрша (ИПА 2) – 2018 2020“