Во делот кај Градскиот стадион и спортската сала, почнаа работите на реконструкција на коритото на Горобинска река во Свети Николе. Вчера беше означен почетокот на првата фаза.

-Денеска го започнуваме проектот реконструкција на речното корито на Горобинска река со која долго време граѓаните на општина Свети Николе имаат големи проблеми како што можете да видете и од самото лице место.

Значи се работи за голем потег, оваа е прва фаза, 76 метри од горе до мостот на основното училиште ќе биде извршено комплетно реновирање на овој потег, со армирана подлога, а потоа со ставање на каменска подлога и покрај дното на реката и покрај самото речно корито. Значи ова е само почеток а за втората фаза веќе се предвидени средства од буџетот на општина Свети Николе за 2022 година и планираме до крајот 2022 година да биде комплетно реновирано речното корито, рече градоначалникот Владев.

Овој дел целосно се реконструира и со неколку други активности. Делот околу спортската сала ќе се асфалтира со цел да се обезбедат паркинг места, кои ќе бидат бесплатни.

-Надолу покрај кејот на речното корито откако ќе биде направено, планираме да го исчистиме потегот покрај речното корито, да направиме една модерна пешачка патека, тоа се работи во самиот потег на градскиот парк во општина Свети Николе, значи пешачка патека со клупи, со канделабри и на крајот каде што е сега остатоци од детско катче, детско игралиште планираме да направиме едно модерно детско игралиште каде што родителите и децата ќе може да уживаат во нивното слободно време. За детското игралиште можеме да кажеме дека веќе  се обезбедени средства, рече Владев.

Стартуваа и повеќе други проекти, во функција на подобрување на животот на светиниколчани и жителите на населените места. Владев најави реконструкција на неколку улици, изградба на канализациона мрежа во местата каде нема, а во договор со Светска Банка очекува на седница на Советот за оваа недела да се донесе одлука за да може да се до искористат неискористените 20 милиони за изградба на неколку улици на потегот Горобински и Сопотски пат,дел од градот каде веќе петта година нема ниту атмосферска канализација ниту асфалт. Градоначалникот Владев рече дека после петтата година граѓаните имаат можност да ја тужат општината бидејќи  општината не им ги овозможила основните комунални услови.

На почетокот на работите на речното корито беше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со градоначалникот Владев беше на увид на работите.

-Нашите заложби во периодот што следи ќе бидат динамични и сакаме да го зголемите интензитетот, да ја зголемиме динамиката на реализацијата на проектите, практично тоа што сме го ветиле пред светиниколчани и во централниот дел, но и во руралните средини, во селата, кои се составен дел на Свети Николе, тука кажа градоначалникот и со проектите кои ќе ги работи заедно со Светска банка, изјави Мицкоски.

Општината најавува дека ќе се гради улица во едно од поголемите села, додека од веќе одобрениот заем од Светска Банка 5,7 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на водовод во село Орел.