Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски беше дел од свечено откривање на споменик на пејачот Тоше Проески во Нова Градишка, Хрватска.

Загинувањето на Проески на патот кон Нова Градишка, Хрватска ја направи оваа општина уште поприврзана кон музичката ѕвезда. Откриен е споменик во негова чест, а соработката меѓу општина Крушево и Нова Градишка се интензивира на полето на промоција и зачувување на ликот и делот на балканската поп икона.

„ Во паркот на познатите во Нова Градишка, Р.Хрватска заедно со градоначалникот Винко Гргиќ, Амбасадорот во Р.Хрватска, Милаим Фетаи откриено е спомен обележјето на Тодор Тоше Проески. Тоше вечно ќе живее во нашите срца и должни сме да оддаваме почит на овој и многу други начини. Тоше соединуваше народи и тоа е очигледно од оваа постојана комуникација со Нова Градишка.“, изјави градоначалникот на општина Крушево.

Посетата на Нова Градишка беше искоритена и за унапредување на соработката помежу двете општини. Договорена е соработка која ќе придонесе за зацврстување на односите меѓу општините.

 

„ Договоривме идна интензивна и конкретна соработка во повеќе области која ќе придонесе до зацврстување на односите помеѓу двете пријателски општини. Во Нова Градишка ја искористивме можноста за разговор со инвеститори кои беа во посета на Нова Градишка, Р.Хрватска, на кои им беа презентирани можности и услови за инвестиции од областите на незагадувачка индустрија во општина Крушево.“, потенцира Христоски.