Во изминатите речиси  четири години реализирани се повеќе од 200 проекти, од задолжена и уназадена општина со многу не започнати проекти и нерешени проблеми, со мојот тим и Советот на Општина Виница успеавме да ја вратиме на вистинскиот пат порача на денешниот отчет градоначалникот, Ивица Димитров. Виница е единствена општината на истокот, која има квалитетна дистрибуција на водата за пиење. Старите азбестни цевки се заменети со нови, во интерес на здравјето на граѓаните, но и намалувањето на загубите низ мрежата.

Поставивме комплетно нови водоводни линии во должина од 6. 670 метри, инвестиција вредна 9. 290 000 денари, а ги заменивме старите азбестни со нови полиетиленски цевки во должина од 7. 393метри, за што издвоивме 17. 625. 000 денари. Во тек е промена на водоводната линија на последните три улици, со што во градот Виница водоводната линија ќе биде 100 процентно заменета со нова и повеќе ќе нема азбестни цевки. Ја заменивме старата и поставивме нова канализациона мрежа во должина од 1.946 метри со вкупна вредност од 4. 087 000 денари, вели Димитров.

Подновен е и возниот парк за поквалитетна комунална услуга и депонирање на сметот. Набавени се седум нови возила за комуналното претпријатие „Солидарност”, но и за ЈП Национални шуми. Во овој проект инвестирани се 28.810.000 денари. Жителите, во градот но и во селата возат по нови и реконструирани улици и патишта.

-Залагајки се и работејки неуморно успеавме на нашиот град да му дадеме нов сјај со тоа штo, ја подобривме патната инфраструктура со тоа што асфалтиравме локални и регионални патишта како  и повеќе од 40 улици во градот и населените места, со вкупна должина од 43 700 метри во вредност од 291 403 000 денари, рече Димитров.

Изградени се и четири мостови низ Виница, обновение се и тротоари, но и сокаци, за што општината за поквалитетен живот на граѓаните вложила 7.789.000 денари. Димитров на денешниот отчет презентираше единаесет капитални проекти, кои ќе остават белег на неговото менаџирање со општината.  Меѓу нив е и изградената социјална зграда за 38 семејства, во којашто се вложени 68 милиони денари, а реконструирани се 22 куќи на социјално ранливи семејства од ромска националност.

-Ја проширивме филтер станицата во Виница и го поврзавме село Лески со виничкиот водовод, со што  го решивме 30 годишниот проблем со водоснабдувањето на жителите на село Лески, инвестиција во вредност од 24. 500 000 денари. Регулација на коритото на Градечка река во должина од 1.020 метри, инвестиција која тежи 19 383 826 денари. Работиме и на изградба на нов комплекс на покриен градски пазар со површина од 1.810м2, проект вреден 29. 315 3777 денари.Започнавме со реконструкција на Кино Салата во Виница чија вредност е 17. 700 000 ден и е планирано нејзино целосно завршување до средината на ноември, посочи Димитров.

Општината вложувала и во поквалитетна настава за учениците, воведони се  нови стандарди во образовниот процес во сите училишта во градот и населените места. Набавена е нова опрема и извршена е целосна реконструкција на постоечките објекти.

-Изградивме спортска сала во ООУ Славчо Стојменски во вредност од 25 000 000 денари за потребите на 600 ученици од ова училиште. Целосно реконструиравме 22 куќи на социјално најранливи семејства од ромска националност. После 70 години од изградбата, го реновиравме интернатот во село Блатец. За ова издвоивме 2 065 500 денари.Изградивме и ја пуштивме во употреба филтер станицата во с. Трсино. Вкупна инвестиција од 7 044 363 денари.Максимално вложувавме во сферата на културниот, забавен и спортски живот за што издвоивме 23 086 280 денари. Особено сум горд што долгот на Општината успеавме да го намалиме од 97. 000 000 на 47. 000 000 денари, акцентираше градоначалникот на Општина Виница, Димитров.

Во Општина Виница во изминатите четири години вложени се над 10 милиони евра. Градоначалникот Димитров најави дека во тек е реализација и на 10тина други проекти каде целосно е завршена тендерската постапка како што се, меѓу кои термоизолациона фасада на општинската зграда, асфалтирање на патниот правец Блатец – Детлово,поврзување на колекторскиот систем за отпадни води со прочистителната станица во Кочани, инвестиција од неколку милиони евра, како и асфалтирање на улици во населба Градец, Црн Камен,  Јакимово и реконструкции на улици во градот Виница.