Во Општина Делчево во тек е пријавување на штетите од неодамнешните пожари кои ја зафатија територијата на Општина Делчево, односно атарите на селата Стар Истевник, Нов Истевник, Вирче, Тработивиште и Разловци на територијата на Општина Делчево.
Заклучно со денеска, до Општина Делчево се поднесени 120 пријави за настаната штета од пожарите, а граѓаните пријавуваат штети на куќи, викендици, помошни објекти, високостеблеста борова и дабова шума, пасишта, овошни насади, угинати домашни животни и птици, опожарена земјоделска механизација и други земјоделски производи.
Рокот за пријавување штети истекува утре, петок, 27.08.2021, по што Комисијата за процена на штети од понеделник, 30.08.21 г. на терен ќе врши стручна процена на настанатите штети. Комисијата е составена од пет постојани членови и по еден овластен проценител за секоја област посебно.