Инсталација во форма на срце, стана дел од градскиот парк во Општина Дојран.

„Урбана инсталација во форма на срце, изработена во знак на благодарност кон хуманоста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во нашата држава е веќе поставена во градскиот парк во Стар Дојран.

Со ова уметничко дело се оддава неизмерна почит и благодарност до семејството на Емилија Динева за несебичниот и херојски чин и преку јазикот на уметноста се поттикнува органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи,“ информираат од локалната самоуправа.

 

Креаторот на скулптурата е Андреј Миневски, а идејата е да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да започне.

„Токму затоа и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи,’ додаваат од Општина Дојран.

На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева, односно нејзиното семејство, отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот.

Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.