Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вчера беше домаќин на премиерите на РС Македонија, Зоран Заев, Албанија, Еди Рама, како и Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кои се во посета на Скопје во рамки на одржувањето на регионалниот деловен економски форум.
Шилегов со гостите прошета по новиот Кеј 13 Ноември, што има ново партерно уредување, патека за лица со инвалидитет, нови клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и нови електрични столбови заради реализирање на забраната за паркирање.
„Како градоначалник на Скопје, бев домаќин на премиерите на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Албанија, Еди Рама, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кои заедно прошетавме низ новиот Кеј 13 Ноември којшто пред два дена го пуштивме во употреба за граѓаните. Чекор по чекор низ новото слободно шеталиште, во разговор им ја раскажав нашата скопска поинаква приказна. Она што на граѓаните им го овозможивме во последните три години, а ги запознав и со дел од визијата и идеите што планираме да ги остваривме во следниот мандат. Скопје денес е град со кој сите ние се гордееме и со задоволство можеме да збориме пред другите за нашата заедничка поинаква градска приказна“, напиша Шилегов на Фејсбук.
Премирот Рама и Претседателот Вучиќ се во посета на Скопје во рамки на одржувањето на Економскиот форум за регионална соработка, каде што учествуваат над 350 компании од Западен Балкан, а се очекуваат над 400 билатерални средби на бизнисмените.