И годинава, во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе постави посебни контејнери во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад.
„Веќе трета година по ред, во пресрет на одбележувањето на празникот Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена-Скопје поставува специјални садови наменети за одлагање на органскиот отпад. И оваа година, во периодот 19-21 јули, Претпријатието ќе постави 17 контејнери, на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај. Апелираме до верниците својот органски отпад да го одлагаат исклучиво во поставените садови, затоа што неговото исфрлање на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да ја загади животната околина.“ – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во текот на вчерашниот и денешниот ден, спроведоа и активности за рачно и машинско миење на дворовите и непосредната околина на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена објави и список каде се ќе бидат поставени контејнерите за одлагање на органски отпад.
- општина Шуто Оризари (автобуска станица на последна 19-ка; кај маркет Харбин; до подвозникот; во близина на Хамдипашината џамија; кај Спортскиот центар)
- општина Бутел(во близина на џамијата Фетах Ефенди; во близина на џамијата Бедр – Бутел 1)
- општина Гази Баба(во близина на џамијата Сингелиќ; стадион Гази Баба)
- општина Чаир(поранешна локација на ЈПХКС; во близина на ресторанот Фа-Фа; во близина на новата џамија во Чаир; во близина на Теќето во Дуќанџик; кај поранешното седиште на Скопското муфтиство на Кале)
- општина Сарај (кај старата општина Сарај; во близина на џамијата во средно Нерези)