Градот на културата од 2013 година, Крива Паланка, годинава успеа да обезбеди пари од централната власт, со кои по близу 40 години ќе го реконструира Домот на културата. Покрај Музејот, Домот на културата е еден од центрите каде се случуваат културните настани, меѓутоа, во услови кои останале речиси непроменети со децении. Ковид пандемијата покажа дека културата е неопходен „лек“ во животот на граѓаните, која во средините како Крива Паланка, во голема мерка зависи и од активностите на Здруженијата на граѓани, на кои општината им делегирала надлежности во организирање на фестивали, манифестаци и други културни случувања. Градоначалникот Борјанчо Мицевски вели дека реконструкцијата на Домот е значајна за граѓаните, особено што за прв пат Министерството за локална самоуправа издвојува средства за локална култура.
Денеска, во увид на работите беа министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерката за култура Ирена Стефоска, која кажа дека домовите за култура низ државата се руинирани и нечепнати со децении.
Крива Паланка е една од општините која ќе го почувствува ефектите од практичното функционирање на неодамна усвоениот закон за рамномерен регионален развој.
Култура надвор од Скопје. Долги години, според министерот Милевски се запоставени институциите надвор во останатите градови и се вложувало само во главниот град. Веќе на крај од летото, се очекува децентрализација на дел од надлежностите, која ќе биде следена и со фискална децентрализација. Овој процес е очекуван во Крива Паланка, каде нема театар, но има театарски фестивал, има, како што велат културните работници од градот, увезена култура, но многу помалку изворна, од кривопаланчани, кои својот потенцијал го здружиле и заедно со општината организираат повеќе значајни култтурни случувања за регионот.
Она што недостасува е простор за организирање на културни настани, што го гледаат преку формирање на Младински креативен центар, каде ментори би ги препознавале локални таленти, на кои ќе им помогнат да излезат на површина. Пред министрите беше презентирано видувањето на културните работници од Крива Паланка за децентрализирана култура, во која очекуваат поддршка на веќе традиционалните настани и манифестации, но и заживување на мал дел од замрените. Нивните очекувања се да заживее идејата за издвојување повеќе пари за култура на општините и локалните институции, а едно од решенијата е фонд за секоја општина по глава на жител. Блок дотациите за култура, би биле распределени во 60% за установите, додека остатокот по 20% на општината и граѓанските здруженија. Крива Паланка има потенцијал за децентрализираните належности.