Градот Скопје вчеравечер почна со инсталација на ЛЕД светилки за улично осветлување на улицата Франклин Рузвелт, на потегот од улицата Васил Ѓоргов до Зоолошката градина, на кој ќе бидат поставени 43 светилки. Поставувањето ЛЕД светилки за улично осветлување на градските сообраќајници е дел од проектот „Паметен град“ (Smart city) кој го реализира Македонски телеком, со помош на најсовремена технологија, која е уникатна не само за земјава туку и за регионот.
Инсталацијата на ЛЕД светилките продолжува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошката градина до мостот „Гоце Делчев“. На овој потег сега има 75 светилки насочени кон коловозот, натриумови со моќност од 250 W и тие ќе бидат заменети со ЛЕД светилки од 136 W, а светилките кои се насочени кон пешачката патека на овој потег се 28 на број со моќност од 150 W и тие ќе бидат заменети со ЛЕД светилки со моќност од 69 W.
Во наредните денови ЛЕД осветлување ќе се поставува на булеварите Партизански одреди и Александар македонски, по целата нивна должина.
Значајно е да се нагласи дека првите 53 ЛЕД светилки се инсталирани на булеварот Никола Карев, кој е при крај со реконструкцијата.
Поставувањето ЛЕД светилки за улично осветлување на градските сообраќајници е согласно со договорот склучен меѓу Град Скопје и групата понудувачи Македонски телеком АД – Скопје, ВЕРСО – Загреб и Винт – Скопје за Набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град.
Првичната придобивка од овој обемен проект ќе биде воведување паметно ЛЕД осветлување на градските сообраќајници, со кое ќе се модернизира осветлувањето и неговото менаџирање, а ќе се намалат и трошоците. Со проектот е предвидено да се постават околу 10.000 ЛЕД светилки и да се дигитализира системот за осветлување при што со помош на паметните алатки осветлувањето ќе свети или ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно, зависно од движењето на луѓето и затемнетоста на околината. Со овој проект Градот Скопје очекува заштеда за околу 60 до 70 проценти во одржувањето на уличното осветлување.
Овој проект освен паметното осветлување опфаќа и други модули кои го сочинуваат Смарт сити и кои се во тек на имплементација, како паметното трошење вода, паметен паркинг, поддршка на корисници, контакт центар и квалитет на воздух.