Преку серија работилници Општина Крива Паланка ја креира новата Стратегија за развој 2021-2026 година, која ќе ги вклучува родово одговорните аспекти, преку инклузивен процес на креирање на поефикасни локални политики.
Овој стратешки документ веќе е во фаза на изработка, а деновиве беше одржана втората работилница на кој беа дефинирани главните стратешки цели и приоритети.
– Стратегијата треба да даде рамка за идниот развој на Крива Паланка. Како централна точка на Коридорот 8, општината ја темели перспективата на регионалната инфраструктура и локалниот економски развој, преку искористување на сите расположиви фондови, а особено на европските донаторски програми. Најважно е што ова не е стратешки документ само за развој и поддршка на локалната самоуправа, туку и на бизнис и граѓанскиот сектор, јавните институции и останатати субјекти во општината, истакна градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски.
Од досегашните анализи идентификувани се над 50 силни страни, повеќе од 55 што можат да се подобрат и над 30 можности за иден и континуиран развој. Главната визија е Крива Паланка да биде препознаена како стратешко место на транспортниот Коридор 8, со стабилна економија и развиена инфраструктура за подобар квалитет на животот на граѓаните. Мисијата е пак, да бидат искористени сите расположиви капацитети за обезбедување на поефикасни локални политики и подобри услови за живот на населението.
Родовиот аспект веќе е дел од најголем број на програми на општината за 2021 години, кои опфаќаат делумно или целосно родово-одговорно буџетирање. Општина Крива Паланка продолжува со овој процес и е меѓу општините што имаат најголем напредок во оваа област.
Работилницата е поддржана од UN WOMEN, во рамки на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспаренто, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој-Сида.