Важните теми за граѓаните на Општината Македонска Каменица, беа доминантни во текот на работна посета на амбасадорка на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј. Тековните инвестиции и инфраструктурни проекти, сработеното и визијата за понатамошно функционирање на општината, ковид кризата, родово одговорното буџетирање , зелената агенда, беа само дел од темите на оваа средба.
-Ја допревме и темата на енергетската ефикасност и справувањето со отпадот, при што ја брифиравме амбасадорката до кој стадиум сме со овие проекти. Неодминлива беше и темата за понатамошниот развој во однос на туризмот, каде потенциравме дека особено не радуваат новите најави за забрзан развој на Осоговието, рече по средбата Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.
Стаменкова ја истакна поддршката од страна на Обединетото за евроатланските интеграции и ја покани Галовеј да присуствува на одбележувањето 25 години постоење на Општина Македонска Каменица.
Амбасадорката Галовеј го нагласи интересот за Зелената агенда за која, како што рече, Обединетото Кралство е многу заинтересирано преку стратешкото планирање во таа насока во овој дел од државата.
-Се надевам ќе се вратам кога проектите од Зелената агенда ќе бидат завршени како што е паркот „Младост” кој звучи како мошне возбудлив проект за Општината. Во рамки на посетата ќе имам средба и со претставници на Рудник Саса за да видам што тие прават во таа насока, при што потенциравме дека ќе гледаме напред кон иднината за инвестирање и подобра трговска размена помеѓу двете земји, рече Галовеј.
Македонска Каменица е општина во која раководат жените. Ова е една од ретките општини во Македонија, каде градоначалник е жена, а на повеќето раководни позиции се исто така жени. За Галовеј е доказ дека жените од оваа општина се мошне успешни.
-Мислам дека е добро да се живее во градот каде жените се мошне успешни, особено во спортот каде имаат победнички тим во кошарка, фудбал итн., така што жените овде имаат можност да бидат што сакаат, кажа Галовеј.
Британската амбасадорка одговарајќи на прашањето за степенот на децентрализација и потребните унапредувања, рече дека предизвик е зајакнувањето на капацитетите во институциите.
При денешната посетата на Македонска Каменица, Галовеј се сретна со фудбалерките од ЖФК „Каменица Саса“, кои втора година по ред се државни шампионки, го посети Паркот на младоста, создаден по идеја на млади, креативни каменичани, а се сретна со раководството на рудникот Саса, чии инвеститори се со седиште во Лондон.