Во својата колумна во викенд изданието во очи на историскиот ден за македонскиот фудбал, скопскиот Градоначалник се осврнува на поврзаноста на „едно општество за сите“ и учеството на европското фудбалско првенство.
„Успехот на политиката на „едно општество“ го гледаме сега олицетворен и во историскиот успех на македонската фудбалска репрезентација. Претходно, партиското мешање и инструментализирање на фудбалот ја доведе на дното фудбалската репрезентација на Северна Македонија. Од 54 место на листата на ФИФА во 2006, фудбалската репрезентација падна на 162 место во 2016 година. А сега нашата репрезентација е единствена од регионот која ќе игра на Европското првенство и за која ќе навива целиот Балкан! Како да не навиваш на сложната и успешна екипа на Пандев, Барди, Елмас, Алиоски, Нестороски, Тричкоски, Адеми…? Историскиот успех на фудбалската репрезентација е најдобар показател дека Македонија може да успее во Европа, само ако сите играме заедно и сложно, надминувајќи ги етничките и политичките конфликти и поделби“, стои во колумната на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов објавена на Слободен Печат.
Рецептот за успех на градот Скопје е ист како и рецептот за успех на македонската фудбалска репрезентација. И политиката е „екипен спорт“, пишува Шилегов и додава: „Успехот е загарантиран кога играме сите заедно, сложно, ако сите општини се развиваат рамномерно – а не само една во која беа вложени стотици милиони евра во „проекти“ што немаа врска со реалните потреби на скопјани“.
Споредувајќи го градот пред неговиот мандат и сега, на полето на соживотот и толеранцијата, Шилегов истакнува: „Тепачките во автобуси се реткост, нема конфликти околу контроверзни споменици, а заеднички го славиме и денот на македонскиот јазик и денот на албанската азбука и другите празници на сите заедници. Заеднички ги променивме имињата на улици што нѐ делат, воведувајќи имиња што нѐ поврзуваат и враќајќи ги улиците по кои Скопје беше препознатливо како меѓународен симбол на светската солидарност. Заеднички унапредуваме и култура во градот која нѐ поврзува, наместо да нѐ дели.“
Скопскиот Градоначалник не пропушта во својата колумна да се осврне и на однесувањето на најголемата опозициска партија: „слушаме како опозициски скопски советници продолжуваат со политиката „раздели, па владеј“ – со сеење страв и омраза, со ширење лажни вести за федерализација, кантонизација и бегалски кампови во Скопје.
Продолжуваат со истите груевистички тактики на поттикнување на омраза и нетрпеливост – надградени и проширени со агитирање против ЕУ, Брисел и Вашингтон, смислено од „Централата“ со „велелепни лустери со црвени теписи и махагони астали“.
Обединето Скопје победи и во 2017, а ќе ја победи политиката „раздели, па владеј“ и во 2021 година. И цело обединето Скопје, месецов ќе навива за сложната македонска фудбалска репрезентација. Затоа што, само заедно и сложно, победуваме!“ – завршува Шилегов.