Во трите средни општински училишта во Струмица заврши пријавувањето и запишувањето на учениците во прва година за учебната 2017/2018 година во августовскиот уписен рок. Според официјалните податоци добиени од училиштата, во августовскиот рок се запишани 94 ученика, кои ги исполниле критериумите согласно објавениот конкурс.
Во средното општинско училиште „Димитар Влахов“, се запишале вкупно 6 ученици, а останати се 136 слободни места во сите струки освен за здравствената струка која што е пополнета. Во тригодишното образование има 61 слободно место, а во четиригодишното има 75 слободни места.
Во средното општинско училиште „Јане Сандански“ се запишани 49 ученика, а слободни има уште 66 места и тоа 40 за гимназиско образование и 26 за економската струка.
Во средното општинско училиште „Никола Карев“ по второто пријавување пополнети се 37 места, а слободни остануваат уште 204, од кои 140 за тригодишно траење и 64 места за четиригодишно траење.
Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување со објавениот конкурс, продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2017 година.