Почна реконструкцијата на патеките во вториот дел на Градскиот парк што долго време беа запуштени, а текот на активностите градоначалникот Шилегов ги најави и објасни на денешната прес-конференција.
„Денеска Градот Скопје преку ЈП Улици и патишта започнува голема реконструкција на патеките во таканаречениот нов дел од паркот. Градскиот парк е формиран некаде 1930 година, а овој дел е изграден во 1970 година, и од тогаш ние немаме сериозна интервенција во овој дел од паркот. Како што и самите добро знаеме станува збор за сериозно руинирани и сериозно девастирани патеки што веќе стануваат и критични за безбедноста на граѓаните. Во минатото често се зборувало за реконструкција на овој дел од паркот, вие како што знаете успеавме во овој дел на паркот да направиме и тартан патека, да ги обновиме сите пешачки мостови и сега ги обновуваме главните патеки. Станува збор за инвестиција во вредност од 20 милиони денари и очекувам површината од 20 илјади квадратни метри, што овде ќе ја работиме, да биде готова во наредните 35 до 40 дена, со што овој дел од паркот ќе добие целосно нов изглед имајќи предвид дека со овие активности е предвидена и целосна замена на канделабрите, поставување на нови клупи и канти за џебен отпад за кои сме сведоци дека недостигаат, така што од средината на јули овој дел од паркот ќе има целосно нов лик“, рече Шилегов.
Тој додаде дека новите патеките коишто ќе бидат направени ќе ги испровоцираат скопјани уште почесто да го посетуваат паркот и да уживаат во него и во новите стандарди и услови што тој ќе им ги нуди.
Градот Скопје континуирано работи на уредување и обновување на зеленилото и на патеките во паркот, но и на зголемување на безбедноста, бидејќи така се создаваат услови скопјани да уживаат во неговите убавини.