Зелената запуштена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров, во Општина Аеродром, Град Скопје целосно ја преуреди со цел граѓаните да можат со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности.


„Денеска сме на новата зелена површина на којашто Градот Скопје работеше изминативе неколку месеци, станува збор за дел од проектот кој го работевме заедно со УНДП, а во кој беа вклучени луѓето коишто живеат во соседството и по основ на анкетите и нивните потреби го уредивме овој простор. Уредена е зелена површина од околу 2000 метри квадратни, ова е втората од четирите коишто ги започнавме есента. На овој простор во целост го обновивме зеленилото што беше запуштено, се сеќавате овде имаше стари трафики и не беа отстранети нивните темели и столбови.  Засадивме 350 нови садници од кои 90 високо стеблести и остатокот околу 250  се ниско стеблести садници“, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Патеките во скверот се облагородени со дрвени елементи наменети за децата кои ќе го користат овој простор да можат да ги развиваат своите моторички способности. Исто така,  има и патеки кои се наменети за родители со колички за мали деца и лица со посебни потреби. На скверот се поставени 14 шаховски табли, стилизирана урбана опрема составена од клупи, корпи за џебен отпад и други придружни елементи, а целиот простор е со лед осветлување.

Просторот е осмислен на начин што целосно ги следи потребите и желбите на граѓаните кои живеат во овој дел од Општина Аеродром, а особено е посветено внимание на тоа бетонските елементи да бидат сведени на минимум и зеленилото да биде распоредено да може да се формира раскошни крошни кои ќе обезбедат сенки за посетителите.

Градот Скопје посветено работи на обезбедување на функционална животна средина за граѓаните во Скопје, која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, а локацијата  за уредување е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во самиот процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани  преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата.

Мапирани беа дневните и ноќните активности, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.