Oпштина Штип, штипското јавно комунално претпријтие „Исар“, заедно со универзитетски професори и научници од лабораторијата АМБИКОМ на Универзитетот “Гоце Делчев“, ќе ги прават плановите за управување со отпадот на локално ниво и за справување со загадувањето на животната средина.
Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и меѓународен експерт за заштита на животната средина, деновиве одржа предавање во Општината. Истакна дека тоа е само прва средба на инволвираните институции, а во иднина ќе следувале повеќе активности, со цел преку примена на едноставни методи што се користат во развиените земји да се дојде до добри резултати.
Во периодот што следува ќе има повеќе предавања, трибини, но и обука на кадар со цел подобро и поефикасно справување со комуналниот отпад од страна на инволвираните институции.
Градоначалникот Сашко Николов рече дека ова е прв чекор од процесот што следува, со цел да се обезбеди соодветно селектирање и собирање на комуналниот отпад, а на тој начин да се обезбеди почиста животна средина и намалување на комуналните трошоци за ѓубрарина на граѓаните.
Деновиве Штип доби и 30 нови контејнери за селекција на стаклена амбалажа. Градоначалникот Сашко Николов потпиша договор во соработка со ГИЗ, Пакомак, ЗЕЛС и ЈП “Исар”.
Со ова се заокружи бројката од вкупно 90 контејнери што општината ги доби во рамките на регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ во кој Штип е еден од двете пилот–општини во земјата.