Со оглед на моменталната состојба со корона вирусот и новите протоколи, оваа година Бадниковите огнови и собири ќе изостанат. Од Град Скопје апелираат да не палат огнови на отворено во Скопје, и дека сите огнови на отворено можат да се пријават на телефонскиот број 193.
„Град Скопје апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено по повод прославата на Божиќните празници, со цел да се избегнат групирање на лица поради пандемијата со корона вирусот, како и со цел да се заштити животната средина и амбиенталниот воздух“, стои во апелот од Град Скопје.
Ги потсетуваат граѓаните за Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана за собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден.
„Во изминативе четири години Градот Скопје интензивно се бори против огновите на отворено и ја спроведува кампањата за пријавување на оган на отворено, со единствена цел – да се заштити воздухот од загадување и да се зачува здравјето на граѓаните“, стои во апелот на Град Скопје.
Фотографија: Фејсбук Град Скопје