Зградата лоцирана на самиот плоштадот во Свети Николе, Домот на култура „Крсте Мисирков“, со сала каде продефилирале многу уметници и се случиле првите настапи на многу нови имиња, по цели 35 години доби централно греење и ладење. Инсталиран е нов енергетско ефикасен систем, кој дополнително е и еколошки. Наместо мазут се користи електрична енергија за загревање, додека фреонот од системот за ладење, кој ја оштетува озонската обвивка, е заменет со еколошки и вграден е нов систем.
-Комплетно е извршена климатизацијата на просторот со фен којлери и се надевам дека граѓаните на Општина Свети Николе, ќе ја имаат таа чест, без разлика што сме во пандемија, се надевам дека од догодина ќе може да се користи 365 дена во годината, изјави Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.
За новиот систем во Домот на културата потрошени се 8,5 милиони денари, од кои 6,2 милиони се обезбедени преку Бирото за регионален развој со проектот на Вардарскиот плански регион. Останатите средства се сопствени средства, од буџетот на Општина Свети Николе. Директорот на Биро за регионален развој, Рамиз Реџепи, рече дека вградениот систем е „три во едно“ и најави поддршка за проектите на Општина Свети Николе и за следната година, со огледа на фактот дека Буџетот на оваа институција останува ист.
-Во иднина ќе можат слободно да ја користат салата и во зимно и во летно време. Ќе можат зиме да имаат топла сала, а во летно време да имаат настапи во климатизирана просторија, кажа Реџепи.
Во подземниот дел на Домот на култура е вграден нов систем за климатизација, кој автоматски се управува, објаснува Соња Китанчев од скопската компанија Аирком, изведувач на работите.
-Уште со самата документација се виде дека се работи за проект, кој инволвира исклучително вискотехнолошка опрема, која треба да придонесе за намалена енергетска потрошувачка и да ги задоволи, да даде добри еколошки апсекти со својата употреба, вели Китанчев.
Оваа година ќе изостанат традиционалните новогодишни претстави и приредбите на децата од градинките и училиштата. Но, новиот систем според директорката на Домот, Мартина Богдановска, граѓаните на Свети Николе, ќе можат да го испробаат со доаѓањето на Новата година.
-До сега имавме активности, при што дечињата мрзнеа, кога се одржуваа предновогодишните настани и сега чест и задоволство ми е што од наредната година, се надевам дека ќе можеме заедно со училиштата да соработуваме, да имаме убави настани, од корист на сите граѓани на Свети Николе, изјави Богдановска директорка на Дом на култура „Крсте Мисирков“.
Домот на културата во Свети Николе минатата година прослави половина век постоење. Зградата пред петнаесет години беше реконструирана со нова фасада, а салата нови столчиња. Меѓутоа, греењето и ладењето беше горлив проблем. Зиме студено, лете топло. Со овој проект, светиниколчани добија современа сала со повеќенамени, употреблива во секој период од годината.