Веќе втора година по ред Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“-Штип и Секторот за превенција при МВР, го одбележуваат 18 ноември – Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
Сообраќајните полицајци на две локации во централното гратско подрачје делеа флаери со едукативна содржина, а библиотеката ги подели наградите од литературниот конкурс на тема „И патиштата имаат своја приказна“. Целта на овие настани е да се подигне свеста на учесниците со сообраќајот – последиците да бидат помали, а патувањата да бидат со среќен крај.
Началникот на отсекот за превенција при СВР Штип, Ангелчо Стојановски, вели дека статистиката во земјава покажува дека годинава има 132 жртви од сообраќајни незгоди и 5164 повредени лица.
- Оваа година имаме значително намалување на овие бројки, што значи дека превенцијата дава резултат. Денес отсекот за превенција во соработка со НУБ „Гоце Делчев“ и општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го организира овој светски ден. Целта е да ги запознаеме нашите граѓани и возачите за преземање на превентивни мерки со цел намалување на сообраќајните незгоди каде што ќе има жртви и последици, потенцира Стојановски.
Тој ги спомена и другите активности кои секторот ги организирал за едукација на возачите и пешаците.
Штипската библиотека и секторот за превензија во знак на благодарност им доделија благодарници за сработеното од областа на безбедноста во сообраќајот на штипскиот градоначалник, на ЈП Стипион и градоначалникот на Општина Карбинци.
Литературниот конкурс на тема „И патиштата имаат своја едукативна содржина“, бил поделен на три категории, од прво до петто одделение, од шесто до деветто и од од прва до четврта година средно образование. На учениците им беа доделени симболични награди.