В.д. градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов, заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Јапонија, Такахаши Сатору и директорката Билјана Трајчевска во вторникот го посетија клонот „Цветови“ на градинката „Астибо“ во населбата 8 Ноември во Штип.
Амбасадата на Јапонија донираше средства во висина од 55.000 евра на детската градинка „Астибо“ кои беа искористени за замена на прозорите, вратите и за обнова на системот за парно греење.
„Сакам да упатам благодарност до јапонската амбасада и народот на Јапонија за донацијата и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи. Дополнително, овој клон „Цветови“ од свои средства има инвестирано во набавка на шкафови, теписи, завеси и душеци, инвестиција во висина од 25.000 евра,“ истакна в.д. гардоначалникот Миланов.
Ова обновување на клонот „Цветови“ е резултат на добрата соработка помеѓу Амбасадата на Јапонија, Општина Штип и Центарот за развој на Источниот плански регион.
„Целта на овој проект беше да се подобри околината и квалитетот на живот кај најмладите граѓани на оваа општина. Нашата поддршка е фокусирана на помаѓање на граѓаните и нивниот квалитет на живеење. Ние, јапонскиот народ, сме многу среќни како пријатели на македонскиот народ,“ истакна заменик-шефот на мисијата на јапонската амбасада, Такахаши Сатору.