И покрај вонредните услови за живот што ни ги донесе пандемијата, во Македонска Каменица се уредуваат повеќе места, младите во градот добија скејт парк, а без прекин се работи на пробивање и изградба на локални патишта. Денот на рударите, 28 август го означи и почетокот на една поголема инвестиција, вредна 2,27 милиони евра, а тоа е ренонструкција на десеткилометарскиот пат што низ селото Саса води кон рудникот.
-ЈП за државни патишта не’ стави во програмата за оваа година, ЕБОР ја финаисра инвестицијата и по 50-тина години, наредната година се надевам ќе бидат завршени работите, оваа делница ќе биде завршена и ќе биде општ бенефит за сите, вклучувајќи го и најголемиот економски капациет, но и за мештаните кои живееат во овој дел од Општината, вели градоначалничката Соња Стаменкова.
Минатата година е завршена комплетната проектна документација, по што почнаа градежните работи. Дополнително ќе се работи и на изградба на придружни елементи (банкини, одводни канали и слично).
Паралелно со овој пат, Општината со свои средства работи на повеќе локални патишта, а при крај се работите на Паркот на младите, со чии рамки е скејт паркот.
Работиме на улицата „Даме Груев“ во градот, која е една од потешките улици за изведба, а се работи на локален пат во должина од два километри со кој се поврзуваат селата Луковица – Косевица. Во завршна фаза се локалните патишта во должина од 2,7 километри, остануваат уште стотина метри да се доасвалтираат. Тоа се вкупно околу седум киломтри, кои за неколку месеци ќе бидат финиширани. Заврши изградбата на првиот скејт парк во овој регион. Тој е завршен, но не и Паркот на младите, на кој се’ уште се работи и се очекува до крајот на оваа и почетокот на следната година да биде завршен. Тоа е парк од 8.000 квадратни метри, кој што е идејно решение на нашите млади архитекти од Македонска Каменица, кажа Стаменкова.
Ваквите инвестиции го прават градот атрактивна урбана средина, која дава повеќе можности за жителите. На Денот на рударите беше промовиран и еден од најголемите мурали во земјава. Муралот го носи името „Рударска приказна“ и е своевидна историја за градот. Муралот се наоѓа на ѕидот долг 300 метри квадратни и настана како дел од манифестацијата Каменичко културно лето.