Советот на општина Струмица ја одржа 53-та седница на која на дневен ред беа две точки и тоа Квартален извештај за извршувањето на буџетот за првиот квартал од 2017 година и предлог – одлука за прифаќање на понуда за откуп на идеален дел од АД „Македонија“ фабрика за производство на санитарна керамика во стечај Струмица. Советниците повеќе се задржаа на првата точка од дневниот ред за реализацијата на кварталниот извештај за првите три месеци од оваа година, според кој буџетот е реализиран со 18 проценти.
„Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија не се задоволни со реализацијата на буџетот од 18 проценти, јас морам да кажам дека Струмица е една од поуспешните општини и 18 проценти е успешна реализација со оглед на тоа што во првите три месеци нема некои побитни реализации од причини што по усвојувањето на буџетот за 2017 година почнува распишувањето на тендерите, а чие распишување трае од 30 до 45 дена со право на жалба, кои се пролонгираат и со вистинска реализација, општините, а со тоа и општина Струмица, почнуваат во вториот и третиот квартал и последниот од 2017 година со реализација на програмите.
Во втората точка од дневниот ред е прифатена понуда за откуп на дел што општина Струмица го има во АД „Македонија“ и тоа од страна на советниците беше едногласно усвоено. Кварталниот извештај на буџетот не беше усвоен од причина што советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија не гласаа и гласањето заврши со 11 за и 11 против и со тоа не беше усвоен овој извештај. Ова морам да го напоменам за да ја известам јавноста од кои причини не е усвоен кварталниот извештај на буџетот на општина Струмица бидејќи законските обврски го налагаат тоа на Советот на општина Струмица, односно, претседателот. За денеска беше закажано и продолжението на 50-та седница на Советот на општина Струмица.
Истото и денеска не се одржа од едноставна причина што советниците од ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија не присуствуваа на седницата и заради немање кворум Советот не можеше да работи и да одлучува. На дневен ред беа 14 точки од областа на урбанизмот, односно, за легализација на бесправно изградените објекти каде што граѓаните се уште не можат да ги остварат своите права затоа што чекаат одлука од Советот. Сметам дека не е коректно заради тие луѓе кои што чекаат за да ја продолжат постапката за легализација на нивните бесправно изградени објекти.
Во иднина ќе поднесам барање до предлагачот тие точки од дневниот ред да бидат повлечени од оваа седница за да бидат внесени во некоја наредна седница на Советот на општина Струмица како би можеле да бидат усвоени за да можат граѓаните да ги остварат своите права пред надлежните институции“, рече Јосиф Христов претседател на Советот на општина Струмица.