После 50 години се реконструира делницата два од натпатникот на автопатот Миладиновци – Штип, до село Ерџелија, кој спојува повеќе села. Патниот правец село Пиширово – село Ерџелија е во завршна фаза.
Градоначалникот на општина Свети Николе се надева дека со овој пат ќе се подобри животот на граѓаните.
- После 50 години се реконструира овој патен правец што ќе значи добробит за сите граѓани, не само за општина Свети Николе, посебно за граѓаните од Ерџелија, Кадрифаково, Мустафино, Амзабегово и Пиширово, вели градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.
Жителите на село Ерџелија, кои патем ги сретнавме, се задоволни бидејќи сега ќе можат побрзо да стигааат до Свети Николе.
-Ова е ептен убаво, иначе толку години одиме по кал. До пред некоја година нагоре одевме во чизми во jули месец. Сега ова е супер.
– Добро е нека се направи убаво, во градот ќе може да одиме. Колите нема да ни се кршат и да ни доаѓаат гости и ние да одиме, велат жителите на Ерџелија.
Меѓутоа овој патен правец претставува долга права линија и овде често како што велат жителите се вози многу брзо и непрописно. Тие бараат да се постават „лежачки полицајци“ за да се регулира сообраќајот.
-Тешко ли е да се стави еден лежачки полицаец? Ставаа таму некаде нагоре но селаните ги истуркаа. Сега што е проблемот на селото ќе му сметаат ли тие што дивеат ноќе? Таму не им требало, но овде требаат, ова е раскрсница, колку коли овде се удираат, вели жена која живее близу раскрсницата во село Ерџелија.
Градоначалникот пак вели дека е нивна обврска да го регулираат патниот правец за да не дојде до сообраќајни несреќи и дека во скоро време ќе постават и сообраќајни знаци, се со цел регулирање на сообраќајот согласно законските прописи.
Делницата е со должина од 2 километри, а средствата се обезбедени преку агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и дел од Општина Свети Николе. Вкупната инвестиција за патниот правец е околу 13.300.000 денари.