Општинскиот Штаб за заштита и спасување во проширен состав со претставници на сите надлежни структури донесе повеќе заклучоци за превенција од коронавирусот во Штип. Така, Градскиот пазар беше затворен на 20 март, со цел превенција и заштита на граѓаните од коронавирусот. Заради тоа, годинава ќе помине и без традиционалниот многувековен обичај Четрсе, кој од пред неколку години е и на листата заштитени светски нематеријални добра на УНЕСКО зашто, заради превенција, нема да биде дозволено искачување на Исарот, на кој традиционално секоја година на 22 март доаѓаа по неколку десетици илјади луѓе.
СВР-Штип ќе продолжи со зголемени патроли на сите јавно-прометни површини во текот на попладневните часови, на спортските терени во градот, на плоштадите и патеките за прошетка и секаде кадешто има поголема концентрација на граѓани.
Штабот апелира до куќните совети во колективните станбени згради, да извршат дезинфекција во своите влезови, во лифтовите и во сите заеднички површини.
СВР-Штип ќе ја зголеми контролата за сите возила со странски регистарски таблички коишто влегуваат во градот.
Општина Штип ќе преземе обврска за набавка на поголема количина заштитни средства, дезинфекциски средства, маски и ракавици за потребите на Општината и на сите институции во градот
Општинскиот штаб за заштита и спасување апелира до граѓаните да пријавуваат повратници од странство кои не ги почитуваат насоките од Министерство за здравство и Владата на бројот на МВР – 192.
Пензионерите, лицата со посебни потреби и лицата со други болести да ги користат телефонските броеви на Општина Штип (078 472 621 и 032 226 623) со што мобилните екипи ќе им излезат во пресрет за нивна помош од типот на: плаќање сметки, пазарување на основни намирници за исхрана, подигање лекови од аптека.
Штабот апелира до граѓаните да не создаваат залихи од прехранбени производи и средства, бидејќи снабдувањето со храна и основни продукти во градот е редовно и достапно за сите.
Општина Штип заедно со ЈП „Исар“ и ТППЕ Штип продолжуваат со редовно дезинфицирање на јавните површини и на сите витални институции во градот.
Градоначалникот Благој Бочварски во четвртокот информираше и оти Општината обезбедила материјал за изработка на 20.000 заштитни маски за повеќекратна употреба што ќе се шијат во неколку штипски конфекции.