Штип и штипјани во понеделникот добија нов мост на Брегалница, втората по должина река во Македонија, со што многу ќе им се олесни патувањето до работните места, училиштата, факултетите на граѓаните, особено од населбите Сењак, Пребег, Баби и Автокоманда, во кои живеат речиси половината жители на градот. Со новиот мост многу ќе се растоварат постоечките два моста – Камениот и тој на булеварот Гоце Делчев, на кои имаше големи сообраќаен метеж.
На свеченото предавање во употреба на мостот присуствуваа и техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.
– Убеден сум дека ваквите инфраструктурни зафати даваат шанса за побрз развој на економијата, за растоварување на сообраќајниот метеж, за побрзо движење на работниците, на студентите, на сите граѓани. Сето ова со неколку збора значи – раст, развој, перспективи, иднина. Токму поради тоа, овој мост и украс на градот ќе го носи името мост „Иднина“. Нека мостот Иднина сведочи за развојот на градот, нека биде конкретен израз на соработката помеѓу сите граѓани и субјекти вклучени во локалното управување – рече градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Мостот е дел од проектот „Обиколница“, кој почна да се реализира пред неколку години. Со предавањето во употреба на мостот, направен од штипската фирма „Актива“, завршија првата и втората фаза на „Обиколница“, реализирани со инвестиција од 60 милиони денари или околу еден милион евра. Освен мостот, завршена и сообраќајница во должина од 1.200 метри што завршува со кружен тек на булеварот Гоце Делчев.
Се работи за челичен мост, единствен од таков вид во Македонија. Долг е 60, а широк десет метри, со две коловозни ленти за возила и тротоар за пешаци. Челичната конструкција на мостот тежи 240 тони, а со останатите елементи вкупната тежина е околу 670 тони.
– Денеска е убав ден за Штип, но убав ден и за нашата земја, како и за граѓаните на целиот источен регион кои секојдневно патуваат во овој град како природен центар да ги извршуваат своите работи. Сите тие од денеска ќе можат да го користат овој мост, со што и неколку штипски населби поефикасно се поврзуваат со главната сообраќајна артерија во градот, а со тоа ќе се растовари сообраќајниот метеж во Штип – истакна на свеченоста премиерот Спасовски.
Мостот „Иднина“ е прв нов мост на Брегалница во Штип по околу шест децении.