Додека кочанчани го пиеја првото утринско кафе во популарните кафулиња во Трговскиот центар, градежни работници поставуваа нови гранитни плочки, со замена на целокупната инсталација на кабли и цевки. На пространиот плочник, поставен во време на некогашна Југославија, се сретнавме со градоначалникот Николчо Илијев, кој ни објасни дека реконструцијата ќе го опфати целиот простор на Трговскиот центар, кој е главно сврталиште на кочанчани.
-Се реконструираат 2800 квадратни метри со плочки, се заменуваат старите и се поставуваат нови, гранитни плочки и целокупната урбана опрема, која е потребна за еден функционален и добар изглед. Ќе бидат поставени канделабри, подни светилки, ЛЕД светилки, понатаму, ќе бидат поставени клупи за да можат луѓето да седат и исто така предвидовме парк за најмладите. Што значи дека во непосредна близина на Трговскиот центар, точно каде што сега се врши реконструкција, ќе биде направен детски парк, информираше Николчо Илиејев, градоначалник на Општината Кочани.
Средствата се одвоени од основниот Буџет на Општина Кочани, иако во прво време, овој проект не бил планиран.
-Уште еднаш покажавме дека со одговорно и отчетно работење, можат да се направат проекти и повеќе од предвидените. Токму, доказ за тоа е и овој проект, кој воопшто не беше предвиден во основниот Буџет во 2019 година, меѓутоа, кога видовме дека на танспарентен начин, на кој ги правиме јавните набавки, дека од сите проекти ни остануваат средства, кои ни овозможуваат со исти средства на направиме повеќе проекти од интерес на граѓаните, вели Илијев.
Целиот центар се трансформира
Всушност целиот центар на Кочани се трансформира. Малку погоре од Трговскиот центар е Старото кино, сега Мултикултурен центар, стара автентична зграда, кога сега е нагризана од влага. На почетокот на следната година започнува реконструкцијата на зградата, која ќе прерасне во младински центар. Обезбедени се 250.000 евра од ИПА фондот за прекугранична соработка со Бугарија, а општината издвои 60.000 евра од својот буџет.
-Целокупната зграда ќе биде реконструирана и најголемиот проблем што го имаме со влагата, односно уништувањето на зградата од влагата, ќе биде санирано. Со тоа, Кочани и кочанчани ќе добијат пристоен објект, кој ќе ги потсетува на минатото, меѓутоа, ќе овозможува многу други функции, кои се потребни на граѓаните. Тука пред се’ мислам на младите, бидејќи оваа зграда во централното градско подрачје ја планираме да послужи за повеќе намени, каде што младите ќе најдат свој интерес, како за развој, така и за забава, објаснува Илијев.
По течението на реката е уште еден реконструиран објект на Центарот за култура „Бели мугри“, изграден во далечната 1953 година, која, исто така, е културно наследство.
-Овде не застануваме. Реконструирана е надворешноста, односно целокупната фасада, покривот и се’ она што требаше да биде реконстрирано. Поставени се нови светилки и очекуваме понатаму реконструкцијата да продолжи во внатрешноста и Кочани да добие едно модерно кино или современ објект, каде ќе се одржуваат повеќе културни настани, ги кажа плановите градоначалникот Илијев.
Идејата е со овие неколку проекти, на кои сега се работи, целиот центар на Кочани да добие современ изглед, што ќе се вклопи со веќе ренонструираната зграда на Центарот за култура.
-Конкретно, овде планираме да го реконструираме целокупниот плочник, да направиме фонтани, ново осветлување, кое ќе дава сосема друга глетка покрај овој убав објект. Значи, шеталиштето и целата околина ќе биде уредено на еден сосема нов начин, каде што граѓаните ќе можат да уживаат и во глетката и во вечерните прошетки, особено во летниот период, во делот каде луѓето излегуваат да шетаат, вели Илијев.
По завршувањето на Трговскиот центар, работите се префрлуваат од другата страна на реката.
Работите во центарот продолжуваат со булеварско решение улицата „Ленинова“, која води на излезот од Кочани кон магистралниот пат за Штип. Овде општината примени, едно за денес невообичаено решение, со експропријација на куќите на дел од улицата, со цел проширување на патот, за што се потрошени близу половина милион евра од општинскиот Буџет. На крај од работите ќе се добие булеварско решение со по две ленти во двата правци, со што ќе се реши ова тесно грло во сообраќајот.
-Привршува експропријацијата за решавање на едно од најгорчливите прашања на кочанчани, тоа е влезот и излезот на Кочани преку булеварско решение на поранешната улица „Ленонова“, сегашната „Стево Теодосиевски“. Бидејќи, доаѓате до мостот и понатаму имате огромен пробчем да се движите во правец на Штип или во правец на Пониква или Медицинскиот центар, што значи дека имаме едно тесно грло, кое мораме да го отстранеме. Ние храбро започнавме со експропријацијата, која е некои 70-80 проценти завршена, вели Илијев, кој додава дека сите оние што се сложија се исплатени, остануваат уште неколку објекти, кои не се платени.
– Сопствениците мислат дека треба повеќе средства и за тоа ќе го одлучи надлежниот суд, а ние ќе ја почитуваме одлуката и сме решение во 2020 година да ја отпоченеме реконструкцијата и со правењето на другиот булеварски дел, што значи дека Кочани ќе добие булеварски влез и излез. Со тоа се надеваме дека овие проблеми со фрекфенцијата на сообраќајот ќе бидат минато, барем во вој дел. Планираме во наредните неколку денови да почнеме со уривењето на објектите, кои се експроприрани, со што јасно и силно ќе пратиме еден сигнал до сите останати сопственици, дека назад од ова нема, туку оваа работа мора да се заврши, бидејќи е од интерес на сите граѓани на Општина Кочани, вели Илијев.
Подобрувањето на сообраќаното решение во центарот на Кочани продолжува со уште еден булевар. Веќе е распишана јавна набавка за изведувач. Овде се планирани 4-5 кружни текови, што ќе го растоварат сообраќајот. Со АД за станбен и деловен простор се преговара за решавање на уште една зграда, остаток од некогашните времиња – зградата на Министерството за одбрана и на УЈП, која е во распаѓање а цело едно крило воопшто не е во функција поради руинираност.
Стремеж кој рамномерен економски развој
Градоначлникот Илијев вели дека кога стапил на функција, се обврзал на рамномерен економски развој, поради што работите подеднакво се сконцентрирани и во населените места. Обезбедени се осум милиони евра за локални патишта. Дел од овие пари завршија на патно поврзување на населбата Оризари со градот. Деновиве се завршува асфалтирањето на тнр. Пазарски пат, име што станало од турско време, сега позната како улица „Енгелсова“, што е најбрза врска на оризарци со градот.
-Овој пат е проектиран со ширина од шест метри и со тротоар од 1,5 метри тротоар. За жал, поради затечената состојба, каде што имаме и куќи и имоти, наидуваме на одредени делови во изведбата на тротоарот и јас лично не сум убеден дека до крај ќе успееме да го направиме тротоарот онака како што посакуваме и како што треба да биде, е ставот на Илијев.
Се планира и втора фаза од дополнителни 500 метри, со што жителите поврзо ќе стигнуваат до кочани, избегнувајќи го магистралниот пат, што до сега мораа да го користат. Заштедите во општинскиот буџет овозможи изградба на уште една важна сообраќајна артерија.
-Ја направивме една од подолгите да не кажам најдолгата улица во Оризари – улицата „Лазар Стојменов“, една од потешките улици, која исто е деценсики проблем. Луѓето кажуваат дека пред 30 години имаат направено куќа, а се’ уште немаат пристоен пристапен пат, што оваа година го решивме. Исто така, ако овој е во завршна фаза, во почетна фаза e изградбата на еден од поважните патни правци за жителите на Оризари, тоа е патот од Оризари до месносноста Добра вода. Очекувам да продолжиме со истата динамика, со истото темпо, бидејќи во Оризари имаме уште неколку критични места, кои планираме да ги завршиме. За дел од улиците имаме избрано изведувач, објаснува Николчо Илијев, градоначалник на Општината Кочани.
Додека се привршуваат работите во Оризари, на другиот крај од градот, иако е декември, се поставуваше асфалт на улицата „Мишо Арсов“, којашто го спојува Кочани преку месноста Пресечена Скала со главниот пат до селото Гратче. Изградбата е овозможена со средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Кочани во Новата година ќе влезе со интензивни градежни работи, кои ќе го променат централниот лик, додека на жителите од до сега запоставените делови, ќе им даде нова перспектива.
Како што вели градоначалникот Илијев, пари има, само треба да се вложат на вистинското место, онака како што бараат граѓаните.