Мобилниот сервис за грижа во домашни услови, проект во кој Кочани е првата општина во државата каде започна да се реализира подобра здравствена и социјална заштита на лицата од рурални средини и во социјален ризик – се покажа повеќе од успешен – оценува градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.
Со овој европски модел на здравствена услуга се опфатени пациентите со хронични и кардиоваскуларни болести, дијабет, корисници на социјална и парична помош, постарите лица кои се потешко подвижни, лица од рурални средини, а медицинските сестри имаа посебен тренинг за давање здравствени услуги во домашни услови.
Придобивките од овој проект се значајни. Во периодот од 15 септември 2018 година до декември 2019 година, здравствено-социјалните услуги ги искористиле 1 657 корисници од 28 населени места и градот Кочани и општините Чешиново-Облешево и Зрновци. Опфатеноста во селата е поголема, изнесува 62 %, а во градот е 38 %. Спред полова структура поголем број корисници се жени, 65 % и 35 % се мажи.
Според Лидија Ефтимова, координаторка на проектот во Кочани, на 33 домаќинства со индикации за социјален ризик сиромаштија се обезбедени пакети со храна и средства за хигиена, а за 10 домаќинства е обезбедена и облека. Кај девет домаќинства кај кои е утврден социјален ризик, преку Планот за еднакви можност на жените и мажите од Општина Кочани е обезбедена финансискиска помош од 6 илјади денари.
Во извештајот на проектот стои дека 80 % од вкупниот број домаќинства се посетени и втор пат, а пациентите со декубитус и повеќепати.
Мобилниот сервис за домашна посета овозможува информираност и јакнење на здравствената свест кај населението, здравствена заштита на лица кои немале матичен лекар, здравствени услуги на пациенти од рурални средини, а нуди и олеснување на матичните лекари за ризичните групи пациенти, како и за пациентите кои често не одат на лекар.
Носители на проектот се министерствата за здравство и за труд и социјална политика, партнер е Општина Кочани, а финансиската поддршка е на УНДП.