Гранитни, нелизагви плочи ќе ги заменат бетонските плочки од шеталиштето на Трговскиот центар во Кочани. Работите почнаа од влезот на Трговскиот центар од источната страна, откако претходно, според техничкиот проект се подготви придружната инфраструктура.
Просторот опфатен со реконструкција ќе биде осветлен со вградени подни ЛЕД-светилки и рефлектори. Исто така, ќе се постават нови клупи и придружна комунална опрема со што ќе се подобри естетскиот изглед на Трговскиот центар како една од најпрометните пешачки површини во Кочани.
Постојните дрвја ќе бидат вклопени во планираното хортикултурно уредување и озеленување, а Трговскиот центар ќе добие на функционалност, поголема слобода во просторот и нов урбан амбиент.
Изведувачот на работите, компанијата „Исток мермер“ од Долни Подлог започна со работите на почетокот на октомври и во рок од седум месеци, односно до април треба да ја комплетира реконструкцијата на плочникот со површина од 2 800 метри квадратни.
За овие градежни работи Општина Кочани инвестира околу 14 милиони денари, средства од сопствениот буџет.