Четириесет и три семејства од Кочани од социјално ранливите категории неделава ги добија клучевите од новите станови во социјалната зграда во кочанската населба Драчевик. Радоста е голема, бидејќи некои од станарите, на нов стан чекаа и по дваесет години.
-Дваесет години живеам во Кочани. Под ќирија сум, значи немам ништо свое. Радосна сум, изјави една од новите станарки на социјалната зграда.
Новата социјална зграда во Кочани ја градеше Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбенпростор и со деловен простор од значење за Републиката, додека Општината Кочани ја обезбеди земјишето и неопходната инфраструктура. Објектот е вреден 54 милиони денари, а располага со 1.620 квадратни метри. Има два типа станови од 35 и 45 квадратни метри.
–Свесни сме дека има уште граѓани во Кочани кои живеат во социјален ризик и сите оние кои сега не добија стан не треба да се грижат затоа што е почната постапка за изградба на уште една социјална зграда. Таа ќе располага со 34 станови и очекуваме градежните работи да почнат идната година, изјави на свеченоста помошник-директорот Петар Шапе.
Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев најави дека локалната самоуправа ќе помогне со свое учество во изградба на новата социјална зграда, со обезбедување на потребната инфраструктура.Илијев ја нагласи претстојната соработка со Акционерското друштво за изградба на комерцијална зграда во централното градско подрачје, на местото на сегашниот Воен отсек.
-Ние како локална самоуправа сме подготвени соработка на Ационерското друштво соработка, се’ со цел да дојдеме до што повеќе вакви станови и луѓето на кои им се потребни вакви станови, да дојдат до услови за живеење, изјави градоначалникот Илијев.
Распределбата на социјалните станови беше направена по претходно објавен оглас, согласно Програмата за лица со социјален ризик, а ја изврши комисија од министерствата за труд и социјална политика и за транспорт и врски.