Големиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон ја доби главната, Европската награда „Ацо Караманов“, Балканската награда ја доби Валерио Орлиќ од Хрватска, а наградата „Караманов“ за најдобра поетска книга од македонски автор и’ беше доделена на Даниела Андоновска – Трајковска
Големиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон допатува во Радовиш на 46. издание на традиционалните „Караманови поетски средби“, каде што во петокот вечерта на 22 ноември, на отворањето на манифестацијата, му беше врачена главната награда.
„Во знак на признание и уважување за целокупното негово дело, како и за неговата книжевна дејност во рамките на афирмацијата на македонската книжевност во Шпанија и во светот, а пред се’ за неговата огромна љубов кон Македонија, Советот на манифестацијата Европската награда за поезија ‘Ацо Караманов’ му ја доделува на големиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон“, гласеше образложението на Советот на манифестацијата, кое беше поздравено со бурен аплауз од присутните во радовишкиот центар за култура „Ацо Караманов“.
Со многу емоции, Падрон ја прими наградата, а пред тоа со солзи во очите прочита и своја песна посветена на Македонија.
„Карамановите поетски средби“, значајна македонска и меѓународна книжевна манифестација , веднаш зад СВП
Хусто Хорхе Падрон (76) ги има добиено речиси сите големи светски поетски признанија, неговите дела се прведувани на 44 јазици во светот, во 1990 година го доби „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, дописен член на МАНУ е, почесен доктор на скопскиот универзитет, почесен граѓанин на Струга…
Годинашните 46. „Караманови средби“ за отворени ги прогласи градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов:
– Секоја град си има свои симболи, свои идеали. Ацо Караманов несомнено е нашиот европски симбол на креативноста и на младата генерација. „Карамановите средби“ годинава бележат 46 години, но и 52 години од нивното прво издание во 1967. Тоа многу зборува за длабоката традиција на оваа значајна меѓународна книжевна манифестација во Македонија. Овој фестивал, заедно со „Рациновите средби“, е веднаш зад „Струшкие вечери на поезијата“ – рече Конзулов.
Беседа за Ацо Караманов, младиот и многу надарен поет од Радовиш, кој како партизан загинал на неполни 18 години, одржа Стојан Тарапуза, а за делото на Хусто Хорхе Падрон зборуваше д-р Кристина Николовска.
– Славиме ново поетстко признание, овој пат Наградата што го носи името на незаборавниот Ацо Караманов. Поетот чие име го славиме вечерва е Хусто Хорхе Падрон, еден од најголмите пријатели на нашата поезија и култура. Вечерва е со нас за да надојде како неуморна делотворна поетска река. Целата поезија на големиот Падрон е прослава на зборот, химна на речта – истакна Николовска.
На отворањето на манифестацијата во центарот за култура „Ацо Карамнов“, беше отворена и изложба на слики од Ниче Василев, а, во чест на 1.000-годиншнината на градот Радовиш, хорот и оркестарот „Про артс“, под диригентство на Сашо Татарчевски, имаше праизведба на кантатата „Радовидение“, за која музиката ја напиша Стојан Стојков, а стиховите Борче Панов.
„Карамановите средби“ траеја три дена. Освен Европската награда што ја доби Падрон, беа доделени уште две награди – Балканска награда за поезија „Ацо Караманов“ што ја доби хрватскиот поет Валерио Орлиќ за поетската книга „Обележувам ѕвезди“ и Наградата „Караманов“ за најдобра книга од македонски автор што годинава ја доби Даниела Андоновска – Трајковска за книгата „Електронска крв“.
Имаше и поетски портрет на истакнатиот македонски поет Раде Силјан, како и омаж за големиот македонски поет Матеја Матевски, а манифестацијата заврши во неделата вечерта со поетско читање и средба
со младите радовишки поети на поетите-гости на манифестацијата од Хрватска, Србија, Црна Гора, Монголија, Полска, Турција, Бугарија…
– Со наградата што му ја доделивме на големиот Падрон, „Карамановите поетски средби“ стануват манифестација што стреми кон европските и светските вредности. Со тоа, од една страна афирмираме големи светски поети кај нас, а од друга страна тоа е афирмација на ликот и творештвото на Ацо Караманов, но и на македонските писатели – изјави по свеченото отворање Борче Панов, претседател на Советот на „Карамановите поетски средби“.