Што е направено и што доправа да се направи. На половина од својот мандат штипскиот градоначалник Благој Бочварски даде отчет пред граѓаните за својата двегодишна работа.
Во изминатите две години покажавме дека со вредна работа, настојчивост и упорност му го даваме на Штип местото кое го заслужува, вистински универзитетски центар, кој на сиот регион му го покажува патот кон европските вредности.
„Во финална фаза е изградбата на новата детска градинка во штипската населба „Сењак“, којашто ќе згрижи 200 деца, но и ќе го реши проблемот со долгите листи на чекање за прием во градинките. Во изградбата на овој објект општината учествува со 70%, останатите средства ги обезбедува Министерството за локална самоуправа.На крај вкупната вредност ќе се заокружи од 950.000 до 1 милион евра. Кружниот тек е дел од обиколницата која што ја започнавме и која што беше идеја на СДСМ уште пред да бидеме локална власт. Во завршна фаза е и изградбата на новиот мост на реката Брегалница, којшто ќе биде единствен ваков мост во земјава. Тежи 240 тони, а останува уште да се изврши бетонирање на коловозотот, а потоа и негово асфалтирање .Со изградба на новата обиколница, кружен тек и мостот на река Брегалница се поврзуваат населбите Сењак, Дузлак, Баби, Автокоманда и Дузлачки рид со населбата Пребег и индустрискиот дел на градот. Доизградена е платформата на коритото на реката Отиња, со што дополнително се добиени 40 паркинг места. Најави дека ќе се гради уште една платформа, над судската зграда во Штип.“ рече Бочварски
Обезбедивме чиста вода за пиење во населбата Балканска, продолжуваме и во Македонка и Чардаклија. Секоја приградска населба во Штип ќе добие чиста вода за пиење, потенцира штипскиот градоначалник.
„Ветивме и остваривме, цената на водата ја намаливме.направивме заштеди во Ј.П Исар и денеска граѓаните плаќаат 10% помали сметки за вода.“
Во отчетот пред штипјани Бочварски потенцираше дека во досегашниот двегодишен мандат биле реконструирани 50 улици со должина од 16 километри, а изградени и реконструирани се пешачки патеки со површина од 11.000 метри квадратни. Инвестирано е и во улично осветлување кон Кампус 4, односно на влезот и излезот од градот.
Тој се осврна и на инвестициите во училиштата и градинките, каде што се реализирани проекти кои со години се барани од наставниците, но и од родителите на учениците. Во училиштето „Тошо Арсов“ конечно се сменети старите прозорци, со што од оваа година во ова училиште ќе има современи услови за едукација, се реконструираа повеќе клонови на детски градинки,а се промени и системот за греење во една од најстарите градинки во Штип.
Она што за следните две години како капитални инвестиции останува да се реализира е изградбата на браната на реката Отиња, гасификацијата и изградбата на СРЦ Сутлакот.
„Штип по Струмица и Куманово ќе биде наредната општина која ќе биде гасифицирана. Секундарната гасификациона мрежа е во должина од 21 километар и тоа е особено значајно постигнување на нашиот град. Се разбира, најголемо достигнување е реализацијата на повеќедеценискиот сон на штипјани, изградба на брана на река Отиња. Изградбата на браната ќе ја реализираме со помош на Владата, најголема поддршка имаме од премиерот Зоран Заев. Во финална фаза е документацијата за добивање на дозвола за градба.“,рече Бочварски.
До крајот на мандатот локалната власт нема намера да работи на воспоставување на градтски превоз нешто што се повеќе се наметнува како потреба на граѓаните.
Во салата на Општинскиот Мултимедијалец центар „Киро Глигоров“ присуствуваа голем број на граѓани, но и министрите за внатрешни работи и локална самоуправа, Оливер Спасовски и Горан Милевски, заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев и Секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.