Култните радовишки специјалитети – сомунот и татлијата, „без кои Радовиш би бил како црква без камбана“, се славеа три дена, а пред многуилјадната публика настапија повеќе фолклорни ансамбли и естрадни уметници од Македонија и од сосседните земји
„Кој не пробал ‘јз’к, кој пробал знаа оти најдобрио самун у Радовиш се праа. За тава, братче, измиј се со сапун, потсукај ги ракавите и право на самун. А, после, бабачко, ако сакаш блачко чим у Радовиш стапнеш татлиичка да си апнеш. И ка ќе се снајдеш, за тебе зима нема. Таква убавина само у Радовиш има. Е, тава е тава“.
Овие зборови, изречени од бината на стар радовишки дијалект, во петокот вечерта го најавија отворањето на седмата културно-забавна, туристичка и гастрономска манифестација „Самун ем татлија“, стари радовишки специјалитети во чија чест се одржува манифестацијата, чиј организатор, со поддршка на локалната самоуправа, е радовишкиот Центар за култура „Ацо Караманов“.
– Почитувани, е ова е Радовиш. Ова е прекрасна глетка. Дајте овие три дена целата наша негативна енергија да ја оставиме на страна и да се дружиме. Имаме гости и од други земји, па да создаваме и нови пријателства. Седмата манифестација „Самун ем татлија“ годинава ја организираме во рамките на програмата за одбележување 1000 години на градот Радовиш – рече на отворањето на манифестацијата радовишкиот градоначалник Герасим Конзулов.
Во текот на трите дена на „Самун и татлија“, на сцената преку ден настапија повеќе фолклорни ансамбли. Во вечерната програма, покрај другите, во петокот гостуваа „Троја“, Дани Димитровска, Влатко Лозановски и Слаткаристика, во саботата – Антонија Гиговска, Јелена Розга и Дејан Петровиќ, а во неделата – Ленче и Горан Кукиќ, гости од „Никад није касно“, како и Мирза Селимовиќ. Пред сцената, пак, имаше стотици маси на кои се служеа сомуни и татлии…
Гости на Општината за „Самун ем татлија“ беа и делегации од збратимени општини на Радовиш од Хрватска, Србија, Бугарија и од Турција. Некои на манифестацијата беа првпат, а други веќе ги пробале сомунот (на радовишки – самун) и татлијата, како заменик-градоначалничката на хрватската општина Белишќе, Љерка Вучковиќ.
– Лани бев првпат на оваа убава манифестација. Донесуваме големи поздрави од Белишќе за нашите пријатели во Радовиш. Овој однос меѓу нашите два града од службен прерасна и во пријателство. Јас се надевам дека и нашите пријатели од Радовиш кога доаѓаат во Белишќе се чувствуваат, исто така, добредојдено. Секогаш ни’ е задоволство да дојдеме во Радовиш – вели Вучковиќ.
Радовишкиот сомун на изглед е сличен на штипската пастрмалија, велешката пита или на слични специјалитети во други градови, но е единствен по тоа што, кога се приготвува според изворен рецепт, се прави со саздрма. Како што кажувал стариот радовишки фурнаџија, дедо Спасо Лукаров, тој на почетокот на минатиот век тајниот рецепт го откупил од турски фурнаџија за 50 лири. Така, самунот станал традиција, некој вид ритуал што го поврзува семејството на заедничка трпеза.
Пред и по Втората светска војна, во Радовиш имало петнаесетина фурни (денес се околу 20), а потоа била отворена индустриска пекарница, но останале двете најпознати приватни фурни – на дедо Спасо Лукаров и на ‘Кнето. Во нив продолжила традицијата, главно за викендите, секое утро многу радовишани да чекаат ред за печење на сомуните, за потоа уште топли да ги однесат дома на вкусен семеен појадок. Денес многу радовишанки, па и радовишани, сомуните си ги печат и дома, а ги има и во ресторани.
„Без тутуни, самуни и маџуни, Радовиш е како црква без камбани“, запишал во својата книга „Радовишки маабети“ радовишкиот зет Мориц Романо, кој бил виден политичар во средината на минатиот век.