Радовиш почна акција за организирано собирање, транспортирање и депонирање на сметот од руралните населби во општината. Акцијата почна во понеделникот од селото Ињево, едно од најголемите села во општината Радовиш, кое според последниот попис од 2002 година имаше повеќе од 1.600 жители. Во населбата радовишкото јавно комунално претпријатие „Плаваја“ постави десет контејнери за смет, а на повеќе места жители на селото, ученици и вработени во „Плаваја“ спроведоа акција за собирање на сметот. Им се придружија и градоначалникот на Радовиш, претседателот на Советот на Општината, членови на раководството на Месната заедница…
– Советот на Општината Радовиш едногласно донесе одлука за организирано собирање, транспортирање и депонирање на сметот на депонијата во Радовиш. Општина Радовиш – локалната самоуправа, Советот и јавното комунално претпријатие, одлучија оваа организација да биде спроведена во сите населени места и за првпат со огромна поддршка. Мислам дека јавното комунално претпријатие ќе смогне сили, а, секако, ако треба Советот на Општината ќе донесе и дополнителни мерки за финансиска поддршка на претпријатието, за да може оваа акција да биде спроведувана во сите рурални населби – вели претседателот на Советот на Општината, Коле Чаракчиев.
Вакви активности се спроведувале после повеќе од 40 години.
– Денес организирано сме овде, во Ињево, заедно со жителите на населбата да започнеме една еколошка акција во организација на Општина Радовиш и на ЈКП „Плаваја“. Акцијата што денес ја почнуваме е за подигање на јавната свест, а како почетно село е земено Ињево. Нашата цел и нашите планови се во иднина, заедно со комуналното петпријатие, да организираме такви еколошки акции и во останатите населени места во општината – истакнува градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
И досега имало еколошки акции за расчистување диви депонии на територијата на општината, но отпадот потоа многу брзо се враќаше.
– И самите сме сведоци дека чистиме повеќе пати, на пример, на планината Плачковица. Но, веќе следниот ден се создава уште поголема депонија. Јас сум информиран и лично знам дека се преземаат и казнени мерки за несовесните, но, за жал, тешко се реализираат. Затоа, апелирам до надлежните институции прекршочните пријави да се реализираат на време. Со тоа мислам дека и граѓаните ќе видат дека се преземаат мерки, а и свеста кај нив самоиницијативно ќе се подигнува на повискоко ниво – вели Конзулов.
Тој на Ванчо Георгиев, еден од најодговорните жители на Ињево кога е во прашање екологијата, кој редовно го одржувал и чистел својот двор и околината, му подари маица од еколошката акција.
– Како во сите места, и кај нас има многу диви депонии, па самите граѓани вршат притисок до Месната заедница и до Општината да најдат решение за подигање на сметот. Пред неколку дена се лоцирани неколку диви депонии. Затоа, денеска ги чистиме, а поставени се и контејнери на најфрекфентните места во Ињево – истакнува Ванчо Стојанов, член на Советот на Месната заедница.